ДЕЦА ОД МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР НОСЕНИ НА СРЕДБА СО СИНОТ НА ЦАР БОРИС ТРЕТИ

9 months ago
3

ДЕЦА ОД МАЛ БИТОЛСКИ МОНМАРТР НОСЕНИ НА СРЕДБА СО СИНОТ НА ЦАР БОРИС ТРЕТИ Полицијата поднесе пријава по допрен глас
Од „Меѓаши“ додаваат дека констатацијата дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави во овој политички контекст сега и на начинот на кој е спроведена активноста, не може да биде ништо повеќе од злоупотреба на децата за политички цели.
МАКЕДОНИЈАСЛАЈДЕР
Од Војислав Мојсовски Објавено 21/07/2023 11:29:06

фото: Фејсбук
547
Сподели
Реакции пристигнуваат од сите страни откако раководството на „Битолски Монмартр“ однело членови на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола во Бугарија на средби со актуелниот бугарски претседател Румен Радев и со Симеон Втори, поранешен премиер и син на царот Борис Трети. По допрен глас македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) поднесе пријава во Јавното обвинителство за раководството на „Мал битолски Монмартр“.

Првата детска амбасада „Меѓаши“ обвини за злоупотребата на деца
Првата реакција пристигна од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од каде велат дека тоа е класичен политички маркетинг и ништо повеќе од злоупотреба на децата за политички цели, бидејќи тие биле фотографирани со политичарите и објавувани во неколку бугарски и македонски медиуми без дозвола од родителите.

„Секоја пригода кога политичар/ка ќе се сретне со дете и ќе биде јавно фотографиран/а може да се смета за кампања, и истата повлекува соодветна одговорност и бара јасен одговор кон што или кому таа средба и тоа фотографирање придонесува, колку таа постапка е во интерес на детето/децата или е за нечии други интереси? Овде станува збор за политичар и бизнисмен од Бугарија кои се сликаат со деца од Македонија и за тоа ги информираат бугарските гласила/медиуми, што е еднакво на политички маркетинг. За жал, наместо децата да се третираат сериозно, тука се користат како инструмент за политички цели, со изговор за развивање добрососедски односи“, велат од Амбасадата.

Од „Меѓаши“ додаваат дека констатацијата дека децата не биле политички злоупотребени, туку испратиле пораки за културна соработка меѓу двете држави во овој политички контекст сега и на начинот на кој е спроведена активноста, не може да биде ништо повеќе од злоупотреба на децата за политички цели.

Тие го повикаа Основното јавно обвинителство да постапува поради прекршување на правата на децата согласно Ковенцијата за правата на детето и член 12 став 4 од Законот за заштита на деца.

„Сметаме дека Основното јавно обвинителство (ОЈО) треба да реагира по допрен глас и да преземе соодветни мерки особено поради инволвирање на децата од Македонија во политички кампањи во друга земја и неколкукратно прекршување на правата на децата согласно Конвенцијата за правата на детето и Член 12 став 4 од Законот за заштита на деца: „Се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“, рекоа од Првата детска амбасада во светот.

По допрен глас МВР поднесе пријава до ОЈО
Полицијата по допрен глас доставила известување до Основното јавно обвинителство (ОЈО) за случајот, рече министерот Оливер Спасовски при посетата на СВР Битола, прашан дали е отворен предмет.

Министерот рече дека процесното дејствие што го имаат на располагање е поднесување известување до ОЈО од каде очекуваат дали ќе добијат наредби за прибирање документација, зашто ниту родител, ниту пак Детската амбасада „Меѓаши“ немаат доставено кривична пријава за случајот.

– Ниту еден родител, ниту „Меѓаши“ или друга организација нема доставено кривична пријава. По доставувањето на известувањето веќе имаме предмет. Апелирам и за овој и за друг случај да се достават кривични пријави, да се земат изјави на записник во однос на овие случаи за да можат и институциите да постапуваат. Не треба да ги отвораме предметите само по допрен глас. Доколку има некаква злоупотреба тоа да се пријавува, за да можеме да постапуваме – одговори Спасовски.

Осуди на социјалните мрежи
Сценаристот Божидар Божиновски коментира за овдешните „т’пи, а упорити“ во одработувањето за туѓи агенди, кои се трудат со сите сили да го избришат македонскиот народ.

„Не треба да си многу паметен дека уставните измени се само почеток на поголем процес на уништување на македонскиот идентитет, историја и јазик. Нешто што не го кријат ни бyгapcките политичари. И на таков став ние имаме влада, претседател, пратеници, нивни анални алпинисти, ботови кои и натаму ја туркаат Македонија во пропаст, се трудат со сите сили да избришат и илинденци, и партизани, и борби, и херои, и жртви, да избришат цел народ. Освен како предавници и соработници на окупаторот, поинаков третман и судење не заслужуваат. Од горе до долу, на куп“, коментира Божиновски на Фејсбук.

Захариева и Каракачанов лути на македонското МВР
Поранешната шефица на бугарската дипломатија и актуелна пратеничка, Екатерина Захариева упати критики кон македонската влада откако македонското МВР најави истрага против раководството на „Битолски Монмартр“.

„Македонската влада достигна ново најниско ниво: Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ѝ нареди на полицијата да започне предистражна постапка против наставник затоа што носеше деца да сликаат во Бугарија – пред Народниот театар и во Пловдив, а потоа ги посети бугарскиот парламент и претседателството“, објави Захариева.

Можеби ќе ве интересира
СЕ СКАРАЛЕ ЗА ВОДОВОДНА ЦЕВКА, ВЛЕГОЛ ВО КОЛА И ГО ПРЕГАЗИЛ…

Плусинфо 21/07/2023
ВНИМАТЕЛНО СО НАГРАДНИТЕ ИГРИ НА ИНТЕРНЕТ, НАЈЧЕСТО СЕ…

Плусинфо 21/07/2023
Таа додава дека била вчудоневидена од ваквата одлука.

„Не знам дали колегите разбираат како изгледа ова – како да преземаат очајнички чекори за да се приклучат на многу познат светски клуб. Не, не се работи за Европската Унија, туку за клубот со тоталитарните режими. Впрочем, се сеќавам дека наставникот за такво дело може да биде гонет од полицијата само во Русија, Белорусија и Северна Кореја“, напиша Захариева и нагласи: „А сите мислевме дека на Балканот сме ја затвориле оваа темна страница на историјата. Жално, тажно, подло и апсурдно.“

„Целосно непочитување, дрскост и целосно нескриена омраза кон Бугарија и Бугарите“.

Вака на Фејсбук ја коментираше почесниот претседател на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов информацијата дека МВР на Република Македонија поднело пријава против културна установа бидејќи деца од Македонија ја посетиле Бугарија и се сретнале со бугарските политичари.

За Каракачанов ова е доказ за омраза:

„Сведоци сме на ова во пресрет на Илинден – денот кога избувна најмасовното востание на Бугарите во Македонија. Ден кога повторно немаше општа прослава за хероите – предците на христијанското население во сегашната РСМ, кои ги дадоа своите животи за ослободување на Бугарите и обединување на бугарскиот народ“.

– Македонското МВР покрена постапка против раководството на „Малиот битолски Монмартр“ за тоа што културната установа однела деца во Бугарија и се сретнале со бугарски политичари, дури и со претседателот. Наместо да ја поздрави културната размена, блиските врски и заедничките иницијативи, македонското МВР се жали во „медиумите“ дека децата учесници на културната манифестација се сликале со бугарски политичари – вели Каракачанов.

За раководството на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ нема ништо спорно
Настанот се случи пред неколку месеци во организација на фондацијата „Бугарска Меморија“ на бугарскиот тајкун Милен Врабевски кој ги финансираше и клубовите „Ванчо Михајлов“ во Битола и „Цар Борис Трети“ во Охрид. Во рамките на проектот од „Од двете страни на границата“, Врабески го платил 5-дневниот престој на 10 деца од детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола. За раководството нема ништо спорно во овој проект, за кој велат дека гради културни мостови меѓу двата народа, а децата во Бугарија допатувале со согласност на родителите.

– Децата не мешаат политика, што прави Врабевски со своите пари во своето слободно време апсолутно не ме интересира. Ние не бевме со клубот од Битола, туку со Македонско бугарското здружение за пријателство – изјави за дел од медиумите вели Славчо Неделковски, член на УО на ДЛС „Св. Кирил И Методиј“ од Битола.

Младите ликовни уметници од Битола заедно со нивните врсници од Бугарија, во организација на фондацијата на Врабески, учествувале во камп за филантропија, детска ликовна изложба, а го посетиле и дворецот Врана во Софија. Тие се сретнале со поранешниот бугарски цар Симеон Саксобурготски, а јавноста ја разбрануваа фотографиите од посетата на децата на гробот на Цар Борис Трети, соработник на фашистите. Но, од „Монмартр“ велат дека венец положиле од фондацијата, а децата само се сликале.

– Да и при самата прошетка низ дворецот Врана од претседателот на фондацијата на Цар Симеон ни беше кажано дека за време на Втората светска војна тие биле на страната на окупаторот нацистичка Германија и тоа е факт од кој ни самите Бугари не бегаат. И не разбирам зошто од таа фотографија некој се возбудува кога имаме посочни фотографии од нашите политичари – рече Неделковски.

Од Детското ликовно студио велат дека се во тешка состојба откако МОН го откажало нивното финансирање, па опстојуваат со донации.

– Ние ќе тужиме зашто овие деца седум месеци се оставени на милост и немилост, на донации од Врабевски, Панче од Франција, Шели од Израел. Ние сакаме овие деца да работат, а овој објект треба да се загрее – додава Неделковски.

Претходно, Врабески на ФБ страницата на фондацијата „Бугарска меморија“ се пофали дека на гости во Софија биле ученици од Битола кои се поддржувачи на културниот центар „Ванчо Михајлов“, а објавил и фотографии од раководството на Техничкото училиште, кое потоа се правдало дека во Софија отишле само во потрага по Еразмус партнери. Фондацијата пак веднаш потоа ги повлекла нивните фотографиите од Фејсбук и од интернет страницата.

Loading comments...